Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денес оствари средба со командантот на НАТО мисијата „КФОР“ во Косово, генерал-мајор Енрико Бардуани, кој престојува во работна посета на Генералштабот и Министерството за одбрана.
На средбата генералот Бардуани го искажа своето задоволство од високата професионалност и посветеност на припадниците на Армијата кои учествуваат во мисијата „КФОР“.
Дополнително, беа разгледани и актуелните политичко-безбедносни состојби во регионот, при што беше потенцирана важноста од сојузничката поддршка и заедничкиот придонес за стабилноста и безбедноста на Западен Балкан.
Во рамки на посетата, генерал-мајор Бардуани оствари средба и со министерот за одбрана, Владо Мисајловски.
Армијата на Република Северна Македонија од 2020 година е активен учесник во мисијата „КФОР“, а во моментов придонесот се реализира преку два вода распоредени во Сектор „Запад“ во состав на контингентот на вооружените сили на Италија, како и пет штабни старешини распоредени во командата на „КФОР“ во Приштина.