Делегација од НАТО Корпусот за брзо распоредување со седиште во Грција (NRDC-GR) предводена од командантот на Корпусот, генерал-потполковник, Сотириос Костакоглу, на покана од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник, Васко Ѓурчиновски престојуваше во еднодневна работна посета на Армијата на Република Северна Македонија.
Работната посета е со цел разгледување на можностите за соработка со Корпусот на НАТО за брзо распоредување преку користење на капацитетите кои ги нуди армискиот полигон „Криволак“ за изведување на обука и вежби.
За време на престојот на полигонот „Криволак“, од страна на началникот на Генералштабот, генералот Ѓурчиновски и командантите на Командата за операции, Командата за обука и доктрини и 1.пешадиска бригада, пред генералот Костакоглу се презентираа капацитетите со кои располага овој наш армиски полигон.
Притоа се презентираа можностите на полигоните за изведување на разновидна обука и комплексни вежбовни операции, како и сместувачките капацитети кои досега се потврдени во повеќе наврати при изведување на меѓународни вежбовни активности со сојузниците од НАТО. Претходно, воената делегација од командата на Корпусот подетално се запозна со специфичностите на терените за изведување на обуката. Посетата е резултат на претходно воспоставената соработка за време на средбата помеѓу генералите Ѓурчиновски и Костакоглу, која се реализираше во месец август во командата на овој состав на НАТО.
Со воспоставување на соработката со НАТО Корпусите за брзо распоредување, ќе се овозможи покрај предвиденото учество на штабен персонал од Армијата на Република Северна Македонија, дополнително да ги потврдиме нашите способности за организирање на НАТО обука и вежби, кои имаат важна улога во зајакнувањето на заедничката безбедност.