Армијата на Република Македонија во период од 8 до 11 мај, во Домот на АРМ во Скопје беше домаќин на работилница за претстојната логистичка вежба „LOGDEV-19“ (Logistics Development), која ќе се одржи следната година во Грузија.
На работилницата на која покрај претставниците на АРМ учествуваа и претставници од Република Албанија и Црна Гора со поддршка на тим од САД, Обединетото Кралство и Република Финска, се разработуваа потребните елементи за реализација на вежбата.
Националниот елемент за поддршка, договарање на зоната на операции и прием, прифат и понатамошно движење беа темите на кои се дискутираше на работилницата, како дел од пакетот за развој на логистичката вежба.
Презентирањето на НАТО доктрините кои го покриваат овој домен како и практичната работа во синдикати придонесоа за произлегување на концептот и процедурите за развивање на националниот елемент за поддршка на националните контингенти во НАТО операциите и национален план за распоредување.
Логистичките планери во текот на работата го користеа НАТО сојузничкиот софтвер за распоредување и движење (ADAMS – Allied Deployment and Movement System).