Слушателите на Курсот за високи воени и цивилни службеници на Кралскиот колеџ за одбранбени студии од Лондон, Обединето Кралство во рамки на нивното студиско патување во Република Македонија, денес остварија работна средба со заменикот началник на Генералштабот, генерал-мајор Мухамет Рацај.
За време на денешната средба во Генералштабот слушателите на Курсот за високи воени службеници на Кралскиот колеџ имаа можност да се запознаат со структурата и мисијата на АРМ, а исто така им беше презентирано и учеството на АРМ во мировните мисии и ангажирањето на јужната граница во справувањето со мигрантската криза.
Кралскиот колеџ за одбранбени студии е сениорски колеџ во рамките на Академијата за одбрана на Обединетото Кралство, со основна цел – надградба на стратегиското образование на офицерите и цивилите кои ќе бидат дел од стратегиското ниво за креирање политики во владиниот сектор и интернационалната средина. Истиот е еден од најпочитуваните во светот за одбранбени студии, а како дел од студиите, слушателите имаат задача да разгледуваат одредени региони во светот.
Покрај офицери од Обединетото Кралство, на реномираниот колеџ за одбранбени студии се образуваат и кадри од повеќе земји од светот, а од составот Армијата на Република Македонија досега го имаат завршено неколку нејзини припадници.