Армијата на Република Македонија со денешниот прв состанок на групата за имплементација ги отпочна подготовките за претстојната дваесет и прва Конференција на началниците на генералштабови (НГШ) на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба (А-5).
На денешниот состанок кој се одржа во Скопје, покрај припадници на АРМ како домаќин, присуствуваа претставници од армиите на САД и земјите членки на А-5.
Членовите на работната група за имплементација ја дефинираа листата на задачи според деловникот за работа за 2017 година, според произлезените заклучоци од дваесеттата конференција, како и презентација за претстојната заедничка вежба „Здружена реакција 17“.
Овој првичен состанок на членовите на работната група на Јадранската повелба ќе го дефинира понатамошниот календар за работа, со цел подготовка за одржување на дваесет и првата Конференција на НГШ на армиите од земјите-членки на САД-Јадранската повелба која ќе се реализира во месец октомври во Република Македонија.
На конференцијата ќе учествуваат НГШ на Армиите на земјите членки на САД-Јадранската повелба (Македонија, Хрватска, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора) претставници на ВС на САД, сојузничката команда на НАТО во Неапол, командантите на националните гарди (НГ) од сојузните држави на САД кои се партнери на земјите од А5, како и земји набљудувачи.
Република Македонија и Армијата на Република Македонија во 2015 година претходно беа домаќин на деветнаесеттата Конференција на НГШ) на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба.