Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска, оствари средба со истакнатата уметница Бајса Арифовска. На средбата, генералот Лафчиски се заблагодари на Арифовска за нејзиниот досегашен несебичен ангажман во заедничките настапи со припадниците од Воениот оркестар на Армијата, нагласувајќи ја важноста од соработката меѓу Армијата и истакнати уметници, како дел од напорите за промоција на културните вредности и традицијата.
Во рамките на средбата началникот на Воениот оркестар на Армијата, во име на командантот на Баталјонот за почести и Воениот оркестар на Армијата, на уметницата Арифовска ѝ додели почесна плакета по повод долгогодишната соработка.
Арифовска изрази благодарност за укажаната чест и можноста да настапи заедно со Воениот оркестар, при што изрази подготвеност за понатамошна соработка и поддршка на вакви културни и уметнички иницијативи во иднина.
Како солист, Бајса Арифовска во повеќе наврати успешно настапува со Воениот оркестар на македонската Армија. Меѓу позначајните настапи се издвојуваат свеченоста по повод одбележувањето 20 години од постоењето на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ на 11 јуни 2015 година, концертот по повод 11 Октомври – „Денот на народното востание“ одржан на 11 октомври 2022 година, како и предновогодишниот концерт на Воениот оркестар на Армијата, одржан на 15 декември 2025 година. Дополнително, има остварено повеќе настапи како солист на турнеите на Воениот оркестар низ градовите во државата, со што дава значаен придонес во афирмација на воено-музичката и културната сцена.
Бајса Арифовска е мултиинструменталистка и композиторка, препознатлива по својот автентичен уметнички израз. Таа свири на кавал, тапан, тарабука, кларинет, виолина и тамбура, а активно се занимава и со создавање авторска музика. Со својот богат музички опус и разновиден инструментален израз, Арифовска дава значаен придонес во негувањето и современата интерпретација на традиционалната и авторската музика.
Во текот на својата кариера, таа има остварено бројни настапи на домашни и меѓународни фестивали и културни манифестации, како и соработка со реномирани ансамбли, оркестри и музички уметници.








