По повод упатувањето во мисијата „Одлучна поддршка“ припадниците на АРМ, денес беа примени од министерката за одбрана Радмила Шекеринска и заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Мухамет Рацај.
Министерката за одбрана им посака успешна, но пред се безбедна мисија која воедно претставува и можност за стекнување на дополнителни искуства во операциите на терен.
Генералот Рацај, на старешините им посака успешна работа, при што ги нагласи важноста, сериозноста и професионалното извршување на задачите во следните шест месеци, истовремено потсетувајќи на признанијата кои нашите мировници редовно ги добиваат од надлежните авторитети.
Седмата ротација, составена од 13 старешини, на која и претходеше индивидуална и колективна подготовка вклучувајќи ги и искуствата од претходните мисии, ќе биде упатена во командата за обука советување и асистенција на главниот град (КОСАГГ) во мисијата „Одлучна поддршка“ истакна командантот на Здружената оперативна команда, бригаден генерал Зоран Милески.
Штабните офицери на АРМ за време на денешната средба, пред авторитетите од МО и ГШ на АРМ, ги презентираа задачите кои ќе ги извршуваат на своите должности во наредните шест месеци.
Со учеството во мисијата „Одлучна поддршка“, кое започна на крајот од декември 2014 година, чија основна цел е да обезбеди обука, советување и поддршка на авганистанските безбедносни сили, Република Македонија го потврдува својот придонес во зачувувањето на мирот и безбедноста.