На денешната воена свеченост припадниците на Бригадата за логистичка поддршка (брЛП) го одбележаа денот на единицата и значењето на логистичките единици во Армијата на Република Македонија.
Ова беше нагласено во говорите кои пред присутните ги имаа командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК), бригаден генерал Зоран Милески и командантот на брЛП, полковник Васко Тошевски.
Помеѓу останатото тие ја истакнаа улогата на бригадата во обезбедувањето на сите армиски капацитети кои се ангажирани на јужната и северната граница во справување со мигрантската криза, како и поплавите кои го зафатија скопскиот и тетовскиот регион. Во овие предизвици се покажа дека логистичките елементи на АРМ успешно одговараат на предизвиците, истакна полковникот Тошевски.
На свеченоста во Техничко-ремонтниот центар по повод денот на единицата која е дел од активностите за одбележување на 25 години од формирањето на АРМ, беа доделени стимулативни мерки за постигнатите резултати во работата, како и на победниците од одржаните натпревари за најдобар механичар, возач, готвач и спортист од составот на бригадата од баталјонските и бригадни спортски натпревари.
На свеченоста покрај заменикот на началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Мухамет Рацај и командантот ЗОК присуствуваа и командантите на потчинетите команди и единици на ГШ на АРМ, претставници од МО и ГШ на АРМ, поранешни и пензионирани команданти и други високи гости.