Денес 17 октомври (петок), во касарната „Боро Менков“ во Куманово, се одржа свеченост по повод денот на Здружената Оперативна Команда (ЗОК) на АРМ.
На свеченоста присуствуваа: началникот на генералштабот (НГШ) на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, заменикот на НГШ на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини, државниот секретар во министерството за одбрана (МО) Сашо Стефановски, директорот на ГШ на АРМ генерал-мајор Димче Петровски, претставници на МО и ГШ на АРМ, поранешни команданти на ЗОК, пензионирани генерали на АРМ, претставници од локалните самоуправи и други гости.
Генералот Котески во своето обраќање пред присутните, го истакна придонесот на ЗОК во дваесет и две годишниот развој на АРМ, потенцирајќи го беспрекорното извршување на задачите од страна на припадниците на ЗОК како најголема оперативна команда на АРМ. НГШ на АРМ ја нагласи улогата на ЗОК во трансформацијата на АРМ, издвојувајќи ги ефикасноста во командувањето и контролата и реализацијата на модерна обука со персоналот, при што подвлече дека ЗОК ја трасира иднината на штабното работење на АРМ.
Пред гостите, пригодно обраќање имаше и професорот Александар Стојчев, кој изнесе историски факти за значењето на Кресненското (Македонско) востание и формирањето на штабот на востанието на 17. октомври 1878 година, како ден кој од денес ЗОК го прославува како свој празник.
Со одлука на претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорѓе Иванов, 17.октомври е определен за ден на Здружената Оперативна Команда, како датум со кој се одбележува значаен историски настан, а врз кој, заедно со други важни датуми од историјата, се темелат традициите на АРМ.
По завршување на официјалниот дел на свеченоста, од страна на НГШ на АРМ беше откриено спомен обележјето-печат на штабот на македонското-кресненско востание, а присутните имаа можност да видат повеќе автентични артефакти од овој период на македонската историја.