Претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, заедно со министерот за одбрана, Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, остварија традиционална средба со пензионираните генерали и поранешните началници на Генералштабот на Армијата.
На средбата, која се одржа во Домот на Армијата во Скопје, генералот Лафчиски ги запозна пензионираните генерали со клучните активности на Армијата во 2025 година, истакнувајќи го процесот на модернизацијата, обуката и вежбите, како и поддршката која Армијата ја даде на цивилните институции во државата.
Во пресрет на активностите за наредната година, генералот Лафчиски наведе дека Армијата продолжува со учество во меѓународни мисии водени од НАТО, ЕУ и ОН, како и дека во рамки на процесот на модернизација на Армијата, за наредната година се очекува голем дел од планираните средства да пристигнат во државата. Дополнително, како клучен приоритет за наредната година, генералот Лафчиски го наведено оценувањето на борбената готовност на Лесната пешадиска баталјонска група, кое ќе се реализира за време на вежбата „Блесок 26“.
Во рамките на денешната средба, беше реализирана и церемонија по повод пензионирање на поранешниот началник на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој оваа должност ја вршеше во два последователни мандати во период од 18 август 2018 година до 18 август 2024 година.
На средбата, покрај претседателката Сиљановска-Давкова, министерот Мисајловски и началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, присуствуваа и останатите генерали во Армијата и дел од раководните лица во Министерството за одбрана и Кабинетот на претседателката.








