Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, заедно со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, во пресрет на новогодишните празници, традиционално и оваа година остварија средба со поранешните началници на Генералштабот и пензионираните генерали.
На средбата, која се одржа во Домот на Армијата во Скопје, поранешните најодговорни лица на Армијата, покрај запознавање со процесите кои се одвиваат во Армијата и претстојните активности, имаа можност за искажување на свои искуства и конструктивни предлози и сугестии поврзани со функционирањето на Армијата и одбраната.
Од страна на највисокото воено раководство, на присутните им беше изразена благодарност за нивниот значаен придонес за изградбата, развојот и афирмацијата на Армијата за време на нивната воена служба.
На средбата покрај претседателот Пендаровски, министерката Петровска и началникот на ГШ, генералот Ѓурчиновски, присуствуваа и останатите генерали во Армијата и дел од раководните лица во Министерството за одбрана.