Како дел од активностите во Вермонт со кои се одбележа 30 годишното партнерство со Националната Гарда на оваа сојузна држава на САД, во организација на гувернерот на Вермонт, Фил Скот, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски учествуваше во потпишување на документот со кој се продолжува и продлабочува тридецениската соработка.
Во државничкиот дом на Вермонт, со свој потпис на документот за намери заедно со гувернерот Фил Скот, генералот Ѓурчиновски со министерката за одбрана Славјанка Петровска и командантот на НГ на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт го одбележаа тридецениското партнерство и ги потврдија намерите за понатамошно продлабочување и нови форми на соработка.
Во своето обраќање Гувернерот на Вермонт, Скот истакна дека „низ годините, нашите армии соработуваа многу – со вежби во Северна Македонија и САД, додека еден од најголемите успеси го вклучува и членството на Северна Македонија во НАТО како 30. Сојузник”.
Министерката Петровска им се заблагодари на генералот Најт и на генералот Ѓурчиновски и нивните претходници за нивната посветеност во развојот на ова партнерство, а признание им оддаде и на сите припадници на Армијата и на Националната гарда за нивната професионалност, одданост и посветеност кои го обликуваа меѓусебното партнерство.
Началникот на Генералштабот, генералот Ѓурчиновски се заблагодари за 30-годишната поддршка од страна на Вермонт и додаде дека Армијата е целосно посветена на уште посилен развој на соработката и заедништвото со Националната гарда.
Во текот на престојот во Берлингтон, генералот Ѓурчиновски оствари средба со персоналот од четата АБХО кој во изминатиот период изведуваше обука со колегите од НГ на Вермонт за пронаоѓање и отстранување на опасни материи. За време на средбата им порача стекнатото знаење и искуство да ги пренесат на своите колеги по враќање во татковината.