Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој се наоѓа во работна посета во Брисел, во текот на денешниот ден во седиштето на НАТО во Брисел учествуваше на редовното заседание на Воениот комитет (ВК) на НАТО.
На состанокот, со кој раководеше претседавачот на ВК адмирал Роб Бауер, учествуваа и врховните команданти на Сојузничките сили во Европа и на Сојузничките сили за трансформација, генералите Тод Вотерс и Филип Лавињ.
На почетната сесија од страна на генералниот секретар Јенс Столтенберг, пред првите луѓе на армиите на земјите членки на НАТО, е претставена актуелната безбедносна ситуација во геостратегиски контекст, како и активностите поврзани со Самитот на НАТО кој ќе се одржи следниот месец во Мадрид, Шпанија.
Во предвидените сесии согласно агендата, началниците на Генералштабовите дискутирале за безбедносната состојба поврзана со војната во Украина, имплементацијата на НАТО концептот за одвраќање и одбрана, регионалните одбранбени соработки и проектите кои се однесуваат за долгорочната одбранбена позиција на НАТО.
Генералот Ѓурчиновски во една од сесиите имаше свое обраќање, а оствари и билатерални средби со првите луѓе на сојузничките армии, преку кои се разменуваат ставови и иницираат билатерални одбранбени активности.
Донесените заклучоци по завршување на денешниот состанок на ВК, се соопштени од претседавачот и врховните команданти на Сојузничките сили на прес-конференција.
Началникот на Генералштабот за време на работната посета, во текот на вчерашниот ден присуствуваше на состанокот на Воениот комитет на Европската унија на ниво на началници на Генералштабови, каде се разговарало за воените и цивилни мисии и операции на Европската унија.
За време на престојот во Брисел, генералот Ѓурчиновски оствари средби и со нашите претставници во мисијата на Република Северна Македонија при НАТО.
Армијата на Република Северна Македонија со своето континуирано учество во мировните операции на ЕУ и НАТО и на меѓународните вежбовни активности ја зајакнува својата подготвеност и интероперабилност во согласност со одредените цели на способности, за што е препознаена како респектабилен сојузник.