Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски изминатите два дена учествува на НАТО конференцијата на Началници на трансформација, која се одржува во седиштето на Врховната команда на НАТО сојузничките сили за трансформација во Норфолк – Вирџинија, Соединетите Американски Држави.
Конференцијата која се одржува под мотото: „Подготви се за утрешнината, сподели ја иднината“ е отворена од заменик генералниот секретар на НАТО, Росе Готемоелер и врховниот командант на НАТО за трансформација, генерал Денис Мерсиер, има за цел преку продлабочување и унапредување на меѓусебните врски и споделување на иновативни решенија на учесниците, да се подобри и ефикасноста на трансформациските процеси на НАТО и партнерските армии.
Генералот Величковски за време на одржување на конференцијата учествува на дебатите кои се водеа на форумските сесии, притоа остварувајќи поголем број на средби со високи воени раководители на НАТО и партнерските армии, притоа разменувајќи ги стекнатите искуства од заедничките активности кои АРМ со партнерските армии и идентификување на потенцијални области на соработка.
Од страна на соговорниците била истакната поддршката и пофални зборови за високата обученост и резултатите кои АРМ ги прикажува во исполнувањето на потребната интероперабилност за членство во НАТО алијансата.
На дводневната конференција, на пет форумски сесии се обработуваа теми за „Развој на идните способности“, „Лидерство, професионален развој и насочување на таленти“, „Подобрување на процесот на донесување на одлуки“, „Трендови во логистиката“ и „Подобрено и агилно следење и извидување на Заедничките разузнавачки служби во идните операции“.
Значењето на оваа конференција го потврдува и големиот број на учесници на високи раководни функции од сите 29 земји членки на НАТО алијансата, партнерските нации, командата на НАТО за трансформација, како и претставници од воената индустрија.