Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, учествува на 17-тата Конференција на началниците на генералштабовите од армиите на земјите-членки на Јадранската група која се одржува од денес до 22-ри ноември во Сараево, Република Босна и Херцеговина.
Домаќин на Конференцијата е началникот на Здружениот Штаб на Вооружените сили на Босна и Херцеговина, генерал-мајор Анто Јелеч, а покрај учеството на началниците на ГШ на армиите од земјите-членки на Јадранската група (Македонија, Албанија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора), на конференцијата присуствуваат и началникот на ГШ на Војската на Србија, заменикот на началникот на ГШ на Вооружените сили на Словенија, заменикот на командантот на Европската команда на САД (USEUCOM) и командантот на ЕУФОР.
На отварањето на конференцијата се обрати министерот за одбрана на Република Босна и Херцеговина, Зекеријах Осмиќ, а главна тема за учесниците е „Пост ИСАФ приоритетите во одржувањето на капацитетите за колективна одбрана“. На седумнаесеттата средба на началниците на ГШ од армиите на земјите-членки на Јадранската група се разговараше за искуствата и научените лекции од учеството во меѓународните мисии предводени од НАТО, планирање на обука и вежби во функција на подготовките за пост ИСАФ периодот, како и регионалниот пристап кон одбраната на воздушниот простор.
По завршувањето на работната сесија од конференцијата, началниците на генералштабовите на армиите од земјите-членки на Јадранската група потпишаа заедничка изјава со која се потврдува понатамошната соработка во рамките на оваа регионална иницијатива поддржана од САД, како и подготвеноста за развивање на капацитетите за обука во функција на учество во идни операции предводени од НАТО.