„Армијата на Република Македонија континуирано со полн капацитет и активна поддршка работи на процесот на реформите, давајќи полн придонес на севкупните напори за исполнување на врвниот приоритет на Република Македонија – интеграцијата во НАТО“, истакна во своето излагање началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски на дваесеттата конференција на началниците на генералштабови (НГШ) на армиите од земјите членки на САД – Јадранската повелба (А-5) кој денес се одржува во Сплит, Република Хрватска.
Главна тема на која се дискутираше на Конференцијата беше: ,,Подобрување на интероперабилноста и заеднички приод кон партнерските цели/ целни можности преку комбинирана обука и вежба“.
За време на конференцијата, НГШ на АРМ оствари повеќе средби со неговите колеги од армиите на А5, како и официјални билатерални средби со заменик на командантот на европската команда на ВС на САД, генерал потполковник Тимоти Реј и командантот на косовските безбедносни сили, генерал потполковник Рахман Рама.
На конференцијата учествуваа НГШ на Армиите на земјите членки на САД – Јадранската повелба (Македонија, Хрватска, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора) заменик на командантот на европската команда на ВС на САД, заменик на командантот на сојузничката команда на НАТО во Неапол, командантите на националните гарди (НГ) од сојузните држави на САД кои се партнери на земјите од А5, како и НГШ на ВС на Словенија и командантот на Косовските безбедносни сили во својство на набљудувачи.
Армијата на Република Македонија со 17 циклуси на акциски план за членство и активно учество во мисиите предводени од НАТО и меѓународните вежби, дејствува и изведува активности како полноправна членка на алијансата со што многукратно ја има потврдено посветеноста на основачките принципи на САД – Јадранската повелба потпишана во Тирана, во мај 2003 година, а тоа е стабилизација, просперитет и евро-атлантско интегрирање на земјите од регионот.
Република Македонија изминатата година беше домаќин на деветнаесеттата Конференција на началниците на генералштабови (НГШ) на армиите од земјите членки на САД – Јадранската повелба (А-5).