Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски денес учествуваше на заседанието на воениот комитет (ВК) на НАТО во формат на началници на генералштабови на земјите членки на НАТО и земјите учеснички во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, кој се одржува во седиштето на НАТО во Брисел.
На сесијата за мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан на која НГШ на АРМ имаше свое обраќање, се презентираа најновите информации поврзани со тековната состојба и безбедносната ситуација во Авганистан и плановите за реализација на мисијата со цел давање насоки и препораки за понатамошно дејствување кои ќе се разгледуваат на министерскиот состанок закажан во февруари.
Во своето обраќање генералот Величковски ја истакна потполната поддршка на напорите за понатамошниот развој на Авганистан, кое се огледа во досегашното учество на Армијата на Република Македонија кое во континуитет се спроведува од самиот почеток на мисијата ИСАФ, каде досега учествуваа повеќе од 3000 припадници на АРМ.
Исто така, генералот Величковски го претстави актуелното учество на АРМ како партнерска армија во мисијата со 39 свои припадници, кои извршуваат одговорни улоги во извршување на своите задачи во мисијата за асистенција, советување и обука но и во одговорната улога на обезбедување на главниот штаб на мисијата во Кабул.
На сесијата на која се разгледуваше партнерството со НАТО, регионалните безбедносни ситуации и давање препораки за зголемување на меѓусебната воена соработка, генералот Величковски во своето обраќање ја истакна определбата и остварувањата на плановите во АРМ за полноправното членство во НАТО.
На состаноците активно учество имаат и постојаните воени претставници во командата на НАТО, каде и Република Македонија има свој висок воен претставник.
Помеѓу другото началниците на генералштабовите на одвоени сесии дискутираа за прашања поврзани со функционалноста на НАТО структурите, стратегијата на зајакнување на одбранбените способности, имплементација на иницијативите за остварување на стабилност, како и идните планови за мисијата „Одлучна поддршка“.
Собранието на воениот комитет на НАТО во формат на началници на генералштабови кое се одржува двапати годишно има голема улога во обезбедување на воени совети на Алијансата, базирани на консензус при справување со глобалните безбедносни предизвици.