Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, вчера и денес учествува на Самитот на НАТО кој се одржува во Хаг, Кралството Холандија, како дел од државната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Делегацијата ја сочинуваат и министерот за одбрана, Владо Мисајловски, како и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Самитот, свикан на покана на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се фокусира на клучни прашања поврзани со безбедноста и одбраната на Алијансата, со посебен акцент на предлогот за зголемување на процентот на финансиските средства што земјите членки ги одвојуваат од националниот БДП, посветеност за брзо проширување на трансатлантската одбранбена индустриска соработка и за користење на новата технологија и иновациите за унапредување на колективната безбедност.
Во рамки на своето учество, генералот Лафчиски, во текот на вчерашниот ден учествуваше на работната вечера на началниците на Генералштабови на земјите членки на Алијансата која беше организирана од страна на началникот на Вооружените сили на Кралството Холандија, генерал Оно Ајколсхајм (Onno Eichelsheim).
На Самитот на НАТО во Хаг од страна на шефовите на држави и влади на земјите членки на Алијансата уште еднаш се потврди цврстата посветеност кон НАТО и непоколебливата посветеност кон колективната одбрана, како што е загарантирано со Вашингтонскиот договор.