Началникот на ГШ на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски денес учествува на годишната конференција на партнерската програма на Националната Гарда (НГ) на САД и партнерските армии, која се одржува во Гармиш Партенкирхен, Сојузна Република Германија.
Искористување на капацитетите на програмата за партнерство на САД во регионален план, е темата на конференцијата на која учествуваат високи воени раководители од командата на армијата на САД за Европа (ЕУКОМ), Националните гарди од 22 држави на САД и генералштабови на армиите на партнерските земји од Европа.
Помеѓу останатото на конференцијата се дискутира за остварените резултати од партнерската програма и понатамошни планови за унапредување на заедничкото партнерство по јулскиот самит на НАТО во смисол на подобрување на воените капацитети и интероперативноста.
Генералот Величковски за време на одржувањето на конференцијата оствари повеќе средби со високи воени претставници од ЕУКОМ, команданти на НГ на сојузните држави на САД и со НГШ на партнерските армиите учеснички на конференцијата при што се разговараше за понатамошно унапредување на меѓусебната воена соработката.
На конференцијата на посебна програма за главните подофицери на армиите, учествува и првиот подофицер на АРМ, главен наредник Свето Цветковски.
Програмата за партнерство на НГ на САД со армиите на земјите во зоната на одговорност на ЕУКОМ е започната во 1993 година, кога и АРМ иницијално ја започна партнерската воена соработка со НГ на Сојузната држава на САД-Вермонт, со што се вбројува меѓу единаесетте најстари партнерски соработки од оваа програма. Косово во 2011 година со НГ на Ајова и претходно Црна Гора во 2006 со НГ на Мејн, се меѓу последните склучени договори за соработка од оваа програма на националното биро на НГ на САД.
АРМ има мошне богата и корисна заедничка соработка со единиците на НГ на Вермонт која навлегува во својата 25та година, со голем број заеднички активности од кои најистакнат беше заедничкиот настап во мисијата ИСАФ во Р. Авганистан во 2007 година.