Со Указ на претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, врз основа на член 18 став 1 точка 11 од Законот за одбрана и согласно организациско-формациската структура на Армијата на Република Северна Македонија, во чин бригаден генерал се унапредени полковник Симеон Трајковски и полковник Бесник Емини.
Чиновите на двајцата армиски офицери им беа врачени денеска од страна на претседателот Пендаровски на свечена церемонија во „Вила Водно“, на која присуствуваа министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот (НГШ) на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
По церемонијата кај Врховниот командант, во Генералшатабот во присуство на НГШ, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и заменикот на началникот, генерал-мајор Азим Нуредин, со почитување на мерките за спречување на ширењето на висрусот „Ковид 19“, пред клучниот персонал во Генералштабот беше соопштен Указот за бригадниот генерал Трајковски, кој продолжува да ја извршува својата должност како началник на секцијата за воено планирање и структура на сили, Ј-5/ГШ на Армијата.
Во 1.пешадиска бригада во присуство на командантот на Командата за операции, генерал-мајор Павле Арсоски и бригадните генерали Орце Јордев и Мирче Ѓоргоски пред стројот на бригадата беше соопштен Указот за бригадниот генерал Бесник Емини кој продолжува да ја извршува својата должност како командант на 1. пешадиска бригада.
Бригадниот генерал Трајковски во неговата кариера успешно извршувал повеќе командирски и штабни должности меѓу кои и офицер во Здружената оперативна команда на НАТО во Брунсум, Кралство Холандија.
Бригадниот генерал Бесник Емини ја извршува должноста командант на 1. пешадиска бригада, од јули 2019 година. Во текот на неговата воена кариера извршувал повеќе командирски и штабни должности.