Во присуство на Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски и началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје, се реализира воена свеченост по повод промоција во чин потпоручник и свечена заклетва на новопримените питомци и слушатели на курсот за потребите на службите во Армијата на Република Северна Македонија.
Во чин потпоручник беа промовирани 42 питомци на 19. класа, од кои 30 во редовите на Армијата на Република Северна Македонија, по четири за вооружените сили на Црна Гора и Босна и Херцеговина и Косово. Свечена заклетва, пак, дадоа 28 питомци, од 23. класа на Воената академија, и 31 слушател за потребите на службите во Армијата на Република Северна Македонија.
Претседателот Пендаровски, во своето обраќање кон питомците кои го започнуваат военото образование посочи: „Одбирајќи ја службата во Армијата одбравте благородна професија. За време на вашите студии не само што ќе имате можност да учите за современите концепти на одбраната, туку ќе ги потврдите високите етички и човечки вредности неопходни за секој лидер со интегритет и чест“.
Воедно, на штотуку промовираните потпоручници честитајќи им го промовирањето во потпоручнички чин им порача дека прифатената одговорност треба да ја носат со одговорност, како што прилега на една земја членка на НАТО. „Од вас очекувам да донесете нова енергија, и нови знаења во структурите во армијата и пренесувајќи го знаењето да допринесат за зацврстување на борбената готовност и моралот на Армијата“ нагласи Претседателот.
Во рамки на свеченоста на трите прворангирани питомци Бојана Јованова, Јован Илиев и Филип Лазов од страна на Претседателот Пендаровски, генералот Ѓурчиновски и заменик на министерот за одбрана, Беким Максути им се врачија соодветни поклони за постигнатиот успех кој е впечатлив и се движи помеѓу оценката 9,4 до 9,6 .
Покрај Претседателот Пендаровски, генералот Ѓурчиновски, заменик на министерот за одбрана Максути присуствуваа и генералите во Армијата, државниот секретар во министерството за одбрана Драган Николиќ, Амбасадорот и Државниот секретар на МО на Црна Гора, претставници од воениот и дипломатскиот кор, команданти на единиците на Армијата, семејства и роднини на питомците и други гости.
Питомците од деветнаесеттата класа која го заврши военото четиригодишно образование од прв циклус на студии на Воената Академија „Михаило Апостолски“ досега е меѓу најдобрите класи по просечен успех и од која 10 се припаднички на женскиот пол, по промовирањето ќе започнат со градење на својата воена кариера согласно родовите на кои припаѓаат во единиците на Армијата ширум Републиката.