Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија (АРМ), генерал потполковник Методија Величковски, во текот на денешниот ден во Виена по пречекот со високи воени почести, оствари официјална средба со Началникот на Генералштабот на вооружените сили на Република Австрија, генерал Отмар Коменда.
На средбата која е во рамки на програмата на тридневната официјална посета на делегацијата на АРМ на вооружените сили на Република Австрија, се опфатија повеќе прашања меѓу кои: мигрантската криза и безбедносните закани за земјите од југоисточна Европа, можности за продлабочување на билатералната соработка преку изведување на заедничка обука и користење на капацитетите на АРМ (АП Криволак), како и евентуално заедничко учество во меѓународните мисии под знамето на ООН и ЕУ.
Генералот Величковски искажа благодарност за донацијата на ноќни визири од страна на ВС на Р Австрија, како и за овозможените школувања на персонал од АРМ на воените школи во Република Австрија. Покрај другото на домаќинот се презентираа реализираните проекти и достигнувања од акциониот План за членство во НАТО и партнерската програма, како и процесот на трансформација на АРМ.
Од двајцата соговорници беше нагласена потребата за континуирано продолжување на меѓусебната армиска соработка, особено во актуелниот период на мигрантската криза која претставува актуелна закана за дестабилизирање на сите земји во Европа.
Од страна на генерал Коменда е искажана благодарност за придонесот на Армијата на Република Македонија во мисиите за поддршка на мирот предводени од НАТО и ЕУ, улогата на АРМ во справување со мигрантската криза и притоа покажаните интероперативни способности од страна на АРМ, а воедно е изразена поддршка за поскоро интегрирање на Република Македонија во НАТО алијансата.
Во текот на денот делегацијата предводена од генералот Величковски ја посети и командата на единицата за специјални намени при што се разгледаа можностите за заедничка обука со припадниците на полкот за специјални операции од АРМ и учество во вежби од овој домен.
За време на престојот во Република Австрија делегацијата на АРМ ќе ја посети и Националната Одбранбена Академија, а ќе оствари средби во Амбасадата на Република Македонија во Република Австрија.
Посетата која се реализира на покана од ВС на Република Австрија и остварените средби на највисоко воено ниво е уште еден израз на поддршка од партнерските земји за стратегиската определба на Република Македонија и АРМ за членство во евроатланските интеграции.