Претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски придружуван од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, во текот на денешниот ден изврши обиколка на армискиот полигон (АП) „Криволак“ каде во моментот пред отпочнување на големата меѓународна вежба „Одлучен удар-21“ се изведуваат повеќе активности на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија и на припадниците на 15.инженериски баталјон од Армијата на САД.
По запознавањето со стандардните процедури во теренскиот „Ковид центар“ при самото влегување на АП „Криволак“ кој е формиран со цел превенција на ширењето на Ковид-19, пред и за време на вежбата, претседателот Пендаровски изврши обиколка на дел од терените како и сместувачките капацитети каде се предвидени активностите на претстојната вежба „Одлучен удар 21“.
Врховниот командант во реонот на предвидените главни активности на вежбата беше запознаен со активностите кои во изминатиот период ги изведуваат припадниците на инженериските единици на двете армии на чија реализација е во тек, а воедно беше запознаат со планот за подобрување на инфраструктурата и предвидените понатамошни проекти на АП „Криволак“, кое има за цел да го промовира АП „Криволак“ во современ воен тренинг центар на кој ќе можат да се изведуваат вежбовни операции според сите стандарди на НАТО.
На армискиот полигон „Криволак“, по пристигнувањето на инженериските средства и материјално-техничката опрема на 15.инженериски баталјон на воените сили на САД стационирани во Европа, во втората половина на месец март започнаа заедничките активности и обука како дел од подготовките и уредувањето на капацитетите за успешно реализирање на вежбата „Одлучен удар 21“.
Се работи на подобрување на условите за успешна реализација на вежбата преку изградба на нови и поправка на постоечките сообраќајници, објекти за вежби и обука, магацини, стрелишта и полетно – слетна писта за беспилотни летала. Активностите се дел од заедничката обука на двете инженериски единици, која воедно има за цел преку заедничката обука според стандардите на НАТО да се зголеми меѓусебната интероперабилност.
За време на посетата, на претседателот Пендаровски му беа презентирани и планираните активности поврзани со првичното оценување на декларираниот лесен пешадиски баталјон, според НАТО стандардите „CREVAL“ кое претстои во текот на 2022 година. Претседателот Пендаровски изрази очекување дека успешно ќе бидат оценети борбените способности на овој баталјон, согласно највисоките НАТО стандарди и ќе биде сертифициран како борбено способен за изведување на операции на НАТО.
Вежбата „Одлучен удар 21“ ќе се одржи во периодот од 17.05. до 01.06.2021 година на АП „Криволак“ и на неа, покрај Армијата на Република Северна Македонија која ќе учествува со 1.100 припадници, ќе учествуваат и Армиите на САД со 300 припадници и на Р. Грција и Р. Бугарија со по 20 припадници.