Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, денеска оствари средба со заменик-началникот на Генералштабот на Народноослободителната армија на НР Кина, генерал-потполковник Ванг Гуанзонг, кој престојува во посета на Република Македонија.
На средбата министерот Јолевски истакна дека целосно го поддржува процесот на уште поголемо зацврстување на меѓусебната одбранбена соработка, за која тој оцени дека е одлична. „Имаме одлична политичка соработка која треба да се рефлектира и во сите други области“, потенцираше министерот Јолевски кој во оваа пригода потпиша и Протокол за донација од НР Кина за АРМ.
Генералот Гуанзонг се заблагодари за можноста да се сретне со челниците во Министерството и во Армијата, и додаде дека политичката соработка, но и соработката на армиско ниво има позитивен моментум и се движи во нагорна линија. Армијата на НР Кина високо ја цени соработката со АРМ и таа е многу важна за нас, додаде генералот, кој посочи дека оваа година се навршува десетгодишнината од потпишувањето на Спогодбата за соработка во областа на одбраната помеѓу двете земји. Истовремено, генералот Гуанзонг упати и покана до министерот Јолевски за посета на НР Кина, што беше прифатена со задоволство.
Заменик-началникот на Народноослободителната армија на НР Кина, генерал-потполковник Гуанзонг оствари и одвоена средба со началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Горанчо Котески на која стана збор за можностите за проширување на билатералната соработка помеѓу двете земји, идните планови за соработка, а пред делегацијата на НР Кина беа прикажани и презентации за трансформацијата на АРМ која треба да заврши во 2015 година, како и за учеството на АРМ во мировните мисии. Воедно, генералите на состанокот се согласија да го одржат контактот и добрата комуникација, со интенција средбите на високо ниво да продолжат да се реализираат и во иднина.
Делегацијата од НР Кина во рамки на посетата на Република Македонија оствари средба и со својот домаќин, заменик-началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Насер Сејдини, додека во текот на утрешниот ден ќе оствари и посета на Полкот за специјални операции каде во чест на десетгодишнината од воспоставувањето на воената соработка ќе биде изведена показна вежба со содржини од обуката на припадниците на Полкот.