Заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин се наоѓа во тридневна посета на Воениот оддел на Република Северна Македонија во Командата на НАТО во Брисел и Военото претставништво во Врховната команда на сојузничките сили на НАТО за операции во Монс, Белгија.
Во рамки на посетата во Брисел, генералот Нуредин реализираше работна средба со амбасадорот на Република Северна Македонија во НАТО, г. Дане Талески и оствари средби со претставниците од Воениот оддел при дипломатското претставништво во Командата на НАТО во Брисел. За време на средбите се разговараше за тековните активности на Воениот оддел како и актуелни теми поврзани со нашето учество во активностите и операциите на НАТО, како и за други аспекти кои се однесуваат на заедничката безбедносна политика кои произлегуваат од заклучоците на состаноците на Воениот комитет на НАТО.
За време на посетата на Врховната команда на сојузничките сили на НАТО за операции во Монс, Белгија, генералот Нуредин оствари средба со началникот на Штаб, адмирал Јоаким Руле. На средбата се разговараше за активностите во надлежност на Сојузничката команда за операции (ACO) и учеството на наш персонал во командата. Воедно се дискутираше и за нашето учество во НАТО операциите и вежбите.