генерал-потполковник Јован Андревски
Роден e на 14 јануари 1942 година во село Турје, Охридско, Р. Македонија. Оженет е со сопругата Цара, и во брак се од 1968 година. Татко е на две деца, ќерка Билјана (1969) и син Марјан (1972).
Основното образование го завршил во село Врбјани. Инженериска подофицерска школа завршил во 1962 година, а Воена академија на Копнената војска на ЈНА во 1967 година. Командно-штабна академија на Копнената војска на ЈНА завршил во 1978 година, а завршил и Школа за национална одбрана.
Во чин инженериски потпоручник е произведен во 1967 година, а во чин поручник е унапреден во 1970 година. Во чин капетан во 1972 година, а во чин капетан 1 класа во 1975 година. Во чин мајор е унапреден во 1979 година, во чин потполковник во 1984 година, а во чин полковник во 1989 година. Шест години подоцна, во 1995 година е унапреден во чин генерал-мајор, а во чин генерал- потполковник во 2000 година.
Долгогодишната офицерска служба, претходно како припадник на Југословенската народна армија (ЈНА), а потоа и како офицер на Армијата на Р. Македонија (АРМ), ја извршувал во четири гарнизони, и тоа: Охрид (1967-1973), Струмица (1974-1979), Скопје (1979- 1995 и 2000-2001) и Куманово (1995-2000), извршувајќи ги следните должности:
- Командир на вод (1967-1972);
- Командир на чета (1972-1974);
- Командант на баталјон (1974-1978);
- Началник на инженерија во 168. пешадиска бригада на 3. Армија (1978-1979);
- Заменик командант на инженериски полк (1979-1982);
- Референт во органот „инженерија” во командата на 3. Армија (1982-1983);
- Командант на инженериски полк (1983-1988);
- Началник на органот за инженерија во командата на 3. Армија (1988-1992);
- Началник на Управата за инженерија во Генералштабот на АРМ (1992-1993);
- Командант на 3. Корпус на АРМ (1994-1996);
- Командант на 1. Корпус на АРМ (1996-2000);
- Началник на Генералштабот на АРМ (2000-2001);
- Советник за воени прашања во Кабинетот на Претседателот на Р. Македонија (2001-2002).
Во текот на својата кариера, повеќепати добивал признанија и награди за својот професионален ангажман и придонесот во развојот и афирмацијата на армијата како значаен одбранбен и безбедносен фактор во одбраната на државата, а меѓу другото е одликуван и со:
- Орден за воени заслуги со сребрени мечеви во 1975 година;
- Орден на Народната армија со сребрена ѕвезда во 1975 година;
- Орден за воени заслуги со златни мечеви во 1980 година;
- Орден на трудот со сребрен венец во 1984 година;
- Орден на Народната армија со златна ѕвезда во 1989 година.
Пензиониран е во мај 2002 година и денес живее во Скопје со своето семејство.