Улогата на доктринарните публикации како основи од кои произлегуваат правилата, упатства, прирачници и други документи во повеќе области во Армијата и нивното значење за стандардизација на процедурите согласно НАТО стандардите, се истакнаа за време на воведното обраќање од страна на началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, под чие раководство се реализира конференцијата за доктрини.
За време на конференцијата која се одржа во просториите на центарот за симулации во Командата за обука и доктрини во Велес од страна на носителите на воените области во изработување на новите доктрини согласно стандардите на НАТО се презентираа статусот, релевантните НАТО доктрини и публикации кои се користат, временските рамки како и целите и очекувањата од секоја доктрина на соодветно стратегиско рамниште.
Пред учесниците на конференцијата свое излагање имаше шефот на Канцеларијата за врски со НАТО, полковник Зоран Јанковиќ, кој зборуваше за улогата на командата за обука и доктрини во процесот на трансформација на Армијата во контекст на компатибилноста со НАТО процесите и структурите. Исто така од страна на бригаден генерал Роберт Хју Лојд Џонс, кој е советник од Обединетото кралство за оперативна трансформација одржан е брифинг за Доктрина на копнените сили.
На конференцијата за доктрини учествуваа и заменик на началникот и директорот на Генералштабот, командантот, заменикот и началникот на штаб од командата за операции, командантите на првопотчинетите команди и единици на Генералштабот и на единиците во ранг на бригада, началниците на секции во Генералштабот како и претставници од Воената Академија и Министерството за одбрана.
На крајот од Конференцијата од страна на генералот Ѓурчиновски беа донесени заклучоци и определени задачи во понатамошните активности во процесот на планирање и изработка со цел збогатување на Армијата со квалитетна, компатибилна и интероперабилна воена стручна литература во согласност со стандардите на НАТО.