Питомците од Центарот за обука на питомци и офицери, кои се на школување на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“, во составот на Командата за обука и доктрини, во изминатиот период реализираа обука и вежби на АП „Криволак“ и КО „Пепелиште“. Наставните групи имаа различни активности согласно годишниот план за обука во Командата за обука и доктрини.
За време на оваа практична настава успешно беа реализирани активности од родот пешадија, артилерија, инженерија и врски, при што питомците се стекнаа со стручно-специјалистички знаења неопходни за соодветниот род.
Пренесените знаења коишто беа потребни за питомците да се оспособат за успешно раководење и командување со единиците, планирање, организирање и изведување на борбена обука и воспитување, придонесоа питомците целосно да бидат подготвени за правилно и брзо донесување на одлуки за извршување на мисии од соодветниот род.
Питомците од четврта година на Курсот за командири на водови успешно ги совладаа дадените задачи. Се запознаа со средствата со кои располага Армијата и практично ги покажаа стекнатите знаења во процесот на обуката. Завршниот дел од курсот го заокружија со успешна реализација на вежбата на која беше прикажан механизиран пешадиски вод во напад.
Со реализација на практичната настава, питомците имаат можност во целост да ги надградат и утврдат веќе стекнатите теоретски знаења и да се стекнат со самодоверба и искуство за живот и работа во теренски услови неопходни за секој иден, современ и добро обучен офицер на Армијата.