Во период од 5 – 6 март 2025 година, ќе се реализира „Конференција на Eвропските центри за обука“, во Домот на Армијата во Скопје. Конференцијата, која е седма по ред, е организирана од страна на 7. Армиска Команда за обука на САД (7.ATC) и Командата за обука и доктрини (КОД) на Армијата на Република Северна Македонија како домаќин и коорганизатор.
Конференцијата е со наслов Здружена стратешка обука и развој, а нејзина цел е да обезбеди дијалог и размена на искуства и практики помеѓу Европските центри за обука во поддршка на интероперабилноста, обуката и борбената готовност. Во рамки на Конференцијата ќе работат 4 различни работни групи во следните области: тренинг центри за развивање и модернизација; обука и одбрана; симулации и интероперабилност и нова технологија и развивање.
На Конференцијата ќе присуствуваат лидерите од европските центри за обука, лидерите на секциите Г7/Ј7 кои планираат заеднички/мултинационални обуки и претставниците на организациите кои бараат различни можности за обука.
Главни задачи кои би произлегле од Конференцијата се следните: унапредување на интероперабилноста; зголемување на борбената готовност и способност; промоција на иновации и модернизација; јакнење на соработката; поддршка во развојот на доктрини; поддршка во развојот на центрите за обука и активности за соработка на полето на безбедноста.