Командата за обука и доктрини на 19 Ноември ја посети советодавен тим на НАТО (НСГ) во Република Македонија. Тимот беше предводен од Началникот полковник Александар Александров. Срдечен прием на тимот беше организиран од екипа од Командата за обука предводена од Началникот на Штаб во КОД полковник доц.д-р Зоран Јовановски.
За време на посетата беа реализирани кратки брифинзи за Центарот за индивидуална обука (ЦИО) и Центарот за изработка на доктрини, правила, упатства и научени лекции (ЦИДПУНЛ), со кој присутните се запознаа со податоците за: мисијата и задачите, организациско формациска структура, пополнетоста со персонал и опрема и поважни активности на единиците.
Со оглед на тоа дека во досегашните посети на единиците на АРМ се посетувале борбени единици ова е прва единица која има обука како главна задача во мисијата. При тоа беа запознати со сите курсеви кои се реализираат во ЦИО како и со обуката на војниците на доброволно служење на воениот рок.
Со брифингот за новоформираниот Центар за изработка на доктрини, правила, упатства и научени лекции се запознаа со процесот на изработката на правилата и упатствата и начинот на соработка со секцијата за планирање во ГШ на АРМ. И двата брифинзи предизвикаа дискусија и разговор за потребата од поддршка на НАТО советодавниот тим за интероперабилност со НАТО.
Реализирана беше и обиколка на дел од сместувачките капацитети со кои располага единицата при што имаа можност да ја посетат наставата на Напредниот курс за подофицери кој моментално се реализира во ЦИО.
Членовите на НАТО советодавниот тим задоволни од посетата и разменија свои искуства и видувања за понатамошниот период.