Во Центарот за индивидуална обука (ЦИО) на 06 мај 2014 година започна Примарен Курс за лидери (ПКЛ) со вкупно 50 слушатели професионални војници од сите единици на Армијата на Република Македонија.
Курсот е составен дел од Концептот за развој на професионалните војници во АРМ. Целта на овој курс е слушателите да се обучат и оспособат за работа на должностите во единиците како лидери на тимови – десетари. При тоа ќе ги изучуваат потребните знаења за работа, методичките подготовки за успешно реализирање на обуката и правилно применување на тактиките, техниките и процедурите на ниво на тим при извршување на борбени задачи.
Задачи на слушателите на примарниот курс за лидери се:
- изучување на местото, улогата и правата и должностите на лидерот на тимот во реализирање на задачите и обуката;
- повторување на воено-стручните знаења во ракување со оружјето и воената опрема на ниво на тим;
- оспособување и практично применување на методичните постапки во реализација на обуката;
- оспособување за успешно командување со тим.
До 23 мај војниците слушатели на курсот ќе ги повторуваат и подобруваат стекнатите знаења од областа на правилата во АРМ, кои понатаму истите секојдневно ќе ги применуваат во методиката на правилно извршување на строевите постапки со и без оружје со поединец и тим.
Строевата обученост и изграденост на слушателите секојдневно се подигнува на повисоко ниво за време на смотрите, низ реализирањето на обуката и при секое друго постројување и организирана активност.