Денес во касарната „Алексо Демниевски Бауман“, во Велес се одржа свеченост по повод примопредавање на должноста командант на Центарот за индивидуална обука (ЦИО), во Командата за обука и доктрини (КОД). Должноста командант на ЦИО од мајор Садат Фера ја прими мајор Џунат Веџиоски, кој досега ја извршуваше должноста извршен офицер во Центарот за обука на питомци и офицери.
Во своето обраќање командантот на КОД, полковник Васко Коколански, најпрво истакна дека примопредавање на командантски должности е редовна активност во командите и единиците на Армијата, која се реализира во согласност со потребите на организациско-формациската структура и промените на раководните должности која таа ги налага. Напомена и дека Центарот за индивидуална обука е единица во која се градат капацитетите на столбот на Армијата, место каде се обучуваат војниците и подофицерите за извршување на своите должности во борбените единици на Армијата. На мајорот Фера Садат заблагодари за досегашното успешно командување со единицата, а воедно му посака успех на новата должност. На новиот командант му упати честитки за новото поставување и му порача да биде лидер, кој посветено ќе ги унапредува меѓучовечките односи и вредности на колективот и ќе работи на унапредување на обуката на персоналот кој доаѓа да се школува во единицата.
Досегашниот командант на ЦИО во своето обраќање најпрво се заблагодари на целокупниот персонал за поддршката, помошта, соработката и разбирањето за периодот во кој ја извршуваше должноста, а на новопоставениот командант му упати честитки за новата должност.
Во својот говор новопоставениот командант, мајор Џунат Веџиоски се заблагодари за укажаната чест и доверба која му е доверена за поставувањето на должноста командант на ЦИО. Понатму истакна дека во наредниот период ќе командува и ќе ја води оваа многу значајна единица и заедно со целокупниот персонал ќе придонесе во процесот на стручно оспособување и усовршување на идните подофицери и професионални војници во Армијата.