Со воена свеченост во Воената Академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје, денес се промовираа 18 потпоручници од 22-та класа на питомци, додека 39 млади луѓе дадоа свечена заклетва со што го отпочнаа своето студирање како 26-та класа питомци на Воената Академија.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска во своето обраќање им порача на произведените потпоручници да продолжат со ентузијазам, енергија и посветеност во извршување на задачите кои ги очекуваат, затоа што од денеска тие ја претставуваат Армијата. Министерката им порача влегувањето во Армијата да не го гледаат само како работен ангажман, туку и како света должност и обврска да се гради и брани татковината.
Деканот на Воената академија, полковникот Митко Богдановски за ново промовираните потпоручници рече дека се идните лидери и идните промотори на државата и на Армијата, а на питомците им честиташе за определбата да го продолжат своето образование на Воената академија и им посака успех во текот на студиите.
За најдобри офицери во генерација беа прогласени Кристијан Илиевски, Николина Пејовиќ и Сара Илиевска на кои од страна на министерката Славјанка Петровска, советникот за безбедност од кабинетот на претседателот Пендаровски, Блерим Кољали и Заменик на началникот на генералштабот генерал-мајор Азим Нуредин, им беа врачени соодветни плакети за постигнатиот успех.
На денешната свеченост покрај, министерката за одбрана Славјанка Петровска, Заменик на началникот на генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, присуствуваа и заменик министерот за одбрана, директорот на ГШ, државниот секретар во Министерството за одбрана, генералите во Армијата, команданти на единиците на Армијата, семејства и роднини на питомците и други гости.