На воена свеченост во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје, денес се промовираа новите офицери на Армијата, од 21-та класа, во чин потпоручник и свечена заклетва дадоа новите питомци на Воената академија од 25-тата класа.
Претседателот и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски во своето обраќање кон питомците истакна дека „Одбирајќи ја оваа професија, Вие, питомците и идните студенти, застанувате зад благородна кауза. На Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ ќе можете да ги надградите знаењата за современите концепти на одбраната, но и да ги доизградите вашите морални, етички и човечки вредности неопходни за секој лидер со интегритет и чест“.
Воедно претседателот Пендаровски им порача „Ова е голем ден и за сите вие кои денеска сте промовирани во потпоручници. Офицерскиот чин значи чест, достоинство и одговорност кон Армијата и кон татковината. Од вас очекуваме да внесете нова енергија и нови знаења и вештини во структурите на Армијата и сето она што го научивте во изминатите четири години да го пренесете во командите и единиците со што ќе придонесете за зацврстување на борбената готовност и моралот на Армијата“.
Во рамки на свеченоста, на тројцата прворангирани питомци Реџеп Мустафовски, Илчо Ѓоргиевски и Дамјан Анѓелески од страна на претседателот Пендаровски, министерката Шекеринска и генералот Ѓурчиновски им беа врачени соодветни подароци за постигнатиот успех.
На денешната свеченост покрај претседателот Стево Пендаровски, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, началникот на Генералштабот генерал- потполковник Васко Ѓурчиновски, присуствуваа и заменик министерот за одбрана, заменикот на началникот на ГШ, државниот секретар во Министерството за одбрана, генералите во Армијата, амбасадорите на Црна Гора и Косово, претставници од МО на Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, деканот на Воената академија команданти на единиците на Армијата, семејства и роднини на питомците и други гости.
Од 21-та класа, се промовираа 31 потпоручник, кои ќе продолжат да ја градат својата кариера во единиците на Армијата, а исто толку питомци од 25-тата класа со давање на свечената заклетва започнуваат со военото четиригодишно образование од првиот циклус на студии на Воената академија.