Во период од 12 јануари до 6 февруари, на полигоните за обука во гарнизон Велес и АП „Криволак“, се реализираше курс за командување и лидерство од страна на инструктори од Британскиот воен советодавен и тренинг тим од ВС на Обединетото Кралство (BMATT).
На курсот учествуваа припадници на Армијата, поставени на почетни командирски должности. Целта на курсот е да иницира способност за развивање на лидерски вештини за командување и раководење. Учесниците имаа можност да се запознаат со примена на сите форми на основна и напредна обука на одделение и вод, како и демонстрација и примена на лидерство и употреба на процедурите на трупно водење. Инструкторите споделија знаење и вештини на современата практика во војувањето. Оваа обука вклучува кабинетска настава и практична обука на терен. Таа е насочена кон применето лидерство, одговорно командување и носење на одлуки во сложени временски и теренски услови.
Заменик-командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Дарко Стојкоски во своето обраќање за време на завршната свеченост на доделување на сертификати на учесниците, истакна дека оваа активност претставува доказ за нашата цврста и јасна посветеност во зајакнувањето на интероперативноста помеѓу сојузниците и партнерите, која бара исклучителна посветеност, обука, континуитет и доверба. Воедно тој се обрати и на учесниците на курсот при што им нагласи „Вие со право може да се гордеете на резултатите кои ги постигнавте за време на овој курс. Верувајте во своите можности. Вие сериозно ги надминавте границите на вашата психофизичка издржливост и ја потврдивте мотивираноста.“
Командантот на BМАТТ, полковникот Пол Морис во своето обраќање се заблагодари и искажа задоволство од реализираната соработка и ангажираност на Командата за обука и доктрини, при што верува во трансферот на знаењето и вештините како клучен предуслов за квалитет.








