Во изминатиот период беa реализирани два напоредни курса со различна содржина и примена и тоа „Основен курс за психолошка поддршка и контрола на стрес при операции“ и „Курс за држење на воени брифинзи“.
Основниот курс за психолошка поддршка и контрола на стрес при операции се одржуваше во касарната „Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово, каде присуствуваа претставници од гарнизоните Тетово и Кичево. Додека пак „Курсот за држење на воени брифинзи“ се реализираше во просториите на Центарот за странски јазици (ЦСЈ/КОД), во касарната „Илинден“ – Скопје, креиран и реализиран од страна на тимот на ЦСЈ.
Во текот на курсот за психолошка поддршка беа опфатени тематики во кои се зборуваше за справувањето со стресот, а воедно со разработка на разните комуникациски вештини присутните се здобија со знаења како да си помогнат себе и на сите припадници во Армијата да ги развијат своите вештини за ефективна комуникација и поуспешна работа, избегнувајќи недоразбирања, конфликти и фрустрации. Ефективната комуникација има големо влијание врз донесувањето на одлука и создава чувство на сигурност кај лидерот дека точно ги разбрал информациите.
Слушателите на курсот „Држење на воени брифинзи“ во теоретскиот дел се здобија со знаење за тоа како и на кој начин се подготвуваат и држат воените брифинзи, а во практичниот дел имаа можност да го применат стекнатото знаење преку спроведување на индивидуални презентации.
Горенаведените курсеви, согласно стандардите на НАТО, кои ги планира и реализира Командата за обука и доктрини низ програмите за обука, претставуваат основа и можност за јакнење на интероперабилноста и капацитетите на припадниците на Армијата, а со тоа и развивање на високо обучени и функционални единици потребни за справување со современите предизвици и закани, како во земјата така и во странство.