Во период од 26 до 30.05.2025 година успешно се реализираше еднонеделниот курс за администратори за техничка поддршка на КИС, кој се одржа во просториите за обука во касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес. На курсот учествуваа седум слушатели, а обуката беше спроведена од страна на припадници на Командата за обука и доктрини.
Целта на курсот е обука на персоналот од родот врски во командите и единиците на Армијата за правилно менаџирање, администрирање и користење на компјутерските мрежи во Армијата и истите да се сертифицираат за систем-администратори на компјутерски мрежи во Армијата, а во согласност со стандардните оперативни процедури за управување и администрирање на мрежи во Армијата и стандардите за работа во НАТО средини.
По реализирање на курсот, командантот на Командата за обука и доктрини, бригаден генерал Лулзим Нуредини на слушателите им врачи сертификати за успешно завршување на курсот, порачувајќи им темелно да се ангажираат во процесот на работата и извршување на работните обврски, но сега збогатени со нови знаења кои ќе имаат можност да ги имплементираат на нивните должности во единиците на Армијата.