Денес, со свечено постројување се означи почетокот на реализација на Основниот курс за подофицери 1-25 во Командата за обука и доктрини, во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес. На курсот слушателите од различни единици на Армијата ќе поминат низ процес на општа и стручно специјалистичка обука и предвидените активности кои следат во текот на обуката.
На свеченото постројување присуствуваше командантот на Командата за обука и доктрини, бригаден генерал Лулзим Нуредини кој во своето обраќање, на слушателите најпрво им посака добредојде во Центарот за индивидуална обука им посочи дека во наредниот период ќе се соочат со многу предизвици, кои ќе бараат сила издржливост и храброст. Воедно на слушателите им напомена да бидат отворени за нови идеи, за нови перспективи, за нови предизвици и начини на размислување.
Командантот на Центарот за индивидуална обука мајор Џунат Веџиоски во својот говор им порача дека ќе бара максимална посветеност, дисциплина и желба за учење и дека на овој курс не само што ќе се надградат вештините и знаењата туку ќе се изгради и уште посилна одговорност кон идните задачи.
Мисијата на основниот курс за подофицери е да низ процес на обука се изградат лидери на одделенија со високо развиена морална свест, со професионален војнички изглед и однесување, со потребните знаења кои ефективно ќе ги применуваат во работата и да бидат воено-стручно и методички оспособени за успешно реализирање на обуката и правилно применување на тактиките и процедурите при извршување на борбените задачи.