Денеска на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје, беше одржана воена церемонија по повод давањето свечена заклетва на 28. класа питомци. На свеченоста присуствуваа: претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, деканот на Воената академија, полковник Митко Богдановски, генерали од Армијата и останати гости од воено дипломатскиот кор, од Армијата и Министерството за одбрана и роднини на питомците.
„Вие питомците сте иднината, вие питомците сте драгоцениот потенцијал на македонската армија. Ве очекуваат тешки, но и интересни студии на една солидна академија. Во изминатите, речиси три децении, Воената академија „Михаило Апостолски“, израсна во почитувана институција, призната во регионални рамки, но и пошироко. Должни сме и понатаму да работиме на нејзиниот развој и напредок“, порача претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова.
Министерот Мисајловски рече дека питомците новото поглавје во својот живот го започнуваат во институцијата која има најголема доверба меѓу граѓаните. Министерот им посака добредојде на питомците од Црна Гора и Босна и Херцеговина и на сите им порача: „Во наредниве четири години заеднички и посветено да ги совладувате тајните на воената професија, да се усовршите, затоа што вие ќе специјализирате во област која е специфична, но и карактеристична по стандардите, стручноста, дисциплината и најважно соработката. Заедно во следните четири години ќе учите, ќе се обучувате и ќе придонесувате за развој на нашата соработка. Денес како питомци, а утре како офицери на Армии кои се грижат за безбедноста на своите сограѓани, пример за успех, пример за подготвеност, беспрекорно да ги совладувате предизвиците кои ни претстојат“, потенцираше министерот Мисајловски.
На денешната свеченост свое обраќање имаше и деканот на Воената академија, полковник Митко Богдановски кој рече: „Вашата заклетва не само што ве обврзува, туку и ви го трасира патот кон живот исполнет со предизвици, но и со непроценливи можности. Воената професија не е лесна, но е благородна и исполнета со достоинство. Ова е пат кој треба да го изодите за да станете лидери, не само во Армијата, туку и лидери на НАТО алијансата“.
Оваа година на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ како дел од 28. класа се запишани 33 питомци од кои 25 од Северна Македонија (19 мажи и 6 жени), 5 питомци од Босна и Херцеговина и 3 питомци од Црна Гора.