Со денешната вежба на армискиот полигон „Криволак“, заврши Курсот за командири на водови, кој во текот на изминатиот месец се реализираше со питомците од трета и четврта година од Центарот за обука на питомци (ЦОП) од составот на Командата за обука и доктрини (КОД).
На свечениот завршеток од курсот присуствуваа генералите Зоран Милески, Горанчо Котевски, Орце Јордев и деканот на Воената Академија.
Командантот на КОД, бригаден генерал Методи Хаџи Јанев во своето обраќање на учесниците на курсот им посака успешна понатамошна работа во кариерата и градење на лидерски способности при соочување со реалните ситуации, надградување и утврдување на веќе стекнатите теоретски знаења, самодоверба и искуство за живот и работа во теренски услови неопходни за секој иден, современ и добро обучен офицер на Армијата.
Практичната настава-стажирање има значајна улога во оспособувањето на питомците за конкретните должности во единиците на Армијата. За време на стажирањето питомците успешно ги совладаа дадените задачи во единиците, се запознаа со средствата со кој располага Армијата и практично ги покажаа стекнатите знаења во процесот на обука. Завршниот дел од курсот го заокружија со успешна реализација на вежбата на која беше прикажано механизиран пешадиски вод во напад.
На завршната вежба беа присутни и новопримените питомци со цел да ја увидат реалната слика на посакуваната професија и да имаат јасна визија за нивната улога во понатамошното школување и развивање на своите лидерски способности.
На крајот од ова успешно логорување, со доделување на уверенијата се заокружи реализацијата на курсот за командири на водови.