Со денешната вежба на армискиот полигон „Криволак“, заврши Курсот за командири на водови, кој во текот на изминатиот месец се реализираше со питомците од четврта година од Центарот за обука на питомци (ЦОП) од составот на Командата за обука и доктрини (КОД).
На свечениот завршеток на курсот присуствуваа командантот на КОД, бригаден генерал Лулзим Нуредини, деканот на Воената академија, заменик-командантот на Центарот за поддршка на обуката (ЦПО), претставници од Воената академија и командата на КОД.
На вежбата питомците самостојно и под команда во состав на одделение и вод извежбуваа извршување на колективни задачи при офанзивни борбени дејства на различни цели, а воедно се обучуваа во комбинирање на оган, движење за време на напад и синхронизација со соседни единици, стекнувајќи нови знаења и вештини за офанзивни борбени дејства и регулирање на оган на одделение и вод.
По завршетокот на вежбата, командантот на КОД, бригаден генерал Лулзим Нуредини во своето обраќање на учесниците на курсот им посака успешна понатамошна работа во кариерата и градење на лидерски способности при соочување со реалните ситуации, надградување и утврдување на веќе стекнатите теоретски знаења, самодоверба и искуство за живот и работа во теренски услови неопходни за секој иден, современ и добро обучен офицер на Армијата.