Денот на Армијата – 18ти Август, свечено и достоинствено го одбележаа и нашите припадници, претставници на МАККОН-10 во мировната операција „Одлучна поддршка“ во Кабул, Авганистан.
На свечената вечера, што по тој повод беше организирана од страна на нашите претставници, присуствуваа командантот на Командата за обука, советување и асистенција на Главниот град, бригаден генерал Јашар Дилбер, командантот на Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“, бригадниот генерал Хасан Хусеин Канбур, како и високи претставници на САД и на Турција од Командата во која нашите претставници успешно ги извршуваат своите штабни должности.
По тој повод пригодно обраќање имаше Најстариот национален претставник на македонскиот контингент, полковник Ѓорѓи Митриновски. Истакнувајќи го значењето на овој празник за Армијата и за државата, потенцираше дека силно верува оти припадниците на МАККОН-10 ќе продолжат успешно да ги извршуваат своите задачи, конзистентно и посветено како и нивните претходници.
„Република Северна Македонија силно застана со својата одлука да учествува во мисијата ‘Одлучна поддршка’ во Авганистан и заедно со останатите коалициски партнери да обезбеди мир, стабилност и слобода за авганистанскиот народ“, рече, меѓу другото полковникот Митриновски.
Во своето обраќање, честитајќи го празникот, бригадниот генерал Дилбер го истакна огромното задоволството од придонесот на штабните офицери од Армијата на Република Северна Македонија во работата на Командата за обука, советување и асистенција на Главниот град.
Воедно, по повод празникот на Армијата, нашите претставници успешно организираа и реализираа спортски настан – штафетно трчање. На трката учествуваа претставници на дванаесет нации стационирани во базата на Меѓународниот аеродром Хамид Карзаи, како и екипа од македонските контрактори.
„Спортот ги поврзува луѓето секаде, секогаш и во секаква ситуација. Ние сме овде денес заедно, претставници од сите земји, да го зајакнеме нашето пријателство и преку спортот да ја направиме уште поголема прославата на нашиот празник“, истакна, меѓу другото, во своето обраќање пред спортистите полковникот Ѓорѓи Митриновски.
Во фер и коректно натпреварување во штафетно трчање 4х1,2 км првото место го освои екипата на Португалија, втори беа претставниците на Обединетото Кралство, а третото место им припадна на претставниците од Данска. На мировниците-спортисти од овие земји за освоените први три места им беа доделени ваучери, медали и благодарници.