Денес, 30.09.2014 година, согласно Годишниот План за работа на Здружената Оперативна Команда (ЗОК), клучниот персонал од командата и првопотчинетите единици реализираа посета на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип.
Согласно програмата во текот на посетата се реализираа следните активности: состанок со раководството на универзитетот, запознавање на универзитетот и неговата структура и улога во образовниот систем на Република Македонија и предавање за новите предизвици во евроатлански интеграции.
На состанокот покрај командантот на ЗОК генерал мајор Методија Величковски и ректорот на универзитетот проф. д-р. Саша Митрев присуствуваа и заменик на командантот на ЗОК, началникот на штаб, градоначалникот на општина Штип, митрополитот брегалнички и проректорите на Универзитетот.
На состанокот се разговараше за можноста за понатамошна соработка со УГД преку организирање на предавања кои се од интерес за одбраната, како и можноста за едуцирање на кадри од АРМ на универзитетот.
Како резултата на одличната цивилно воена-соработка за време на посетата присуствуваа и градоначалникот на општина Штип Илчо Захариев, митрополитот брегалнички г. Иларион, претставници од локалната самоуправа и други организации во општината.
Пред присутните се реализираше предавање од страна на доцент д-р. Ана Никодиновска на тема: „Новите безбедносни предизвици и евроатланските интеграции“ со посебен осврт на украинската криза и нејзиното влијание на евроатланските интеграции.
Посетата на УГД претставува континуитет на претходните посети на универзитетите: ФОН во Скопје и Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, кои се реализираат во рамките на проектот за цивилно воена соработка на ЗОК со високите научно образовни институции во Република Македонија.