Согласно Годишниот план за обука за 2022 година, старешините од Командата за операции (КО), на ден 28.06.2022 година, реализираа заедничка практична форма на обука на извидување на просторот. Командата и штабот на КО ја предводеше началникот на штаб во КО, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски.
Целта на оваа активност беше да се извиди просторот во западниот дел на државата во реонот на Радика, село Вишни и Св. Наум и да се согледаат неговите воено-географски карактеристики, тактички услови како и просторните ограничувања кои влијаат на проценката и организација на борбени дејства.
На практичната работа по работните точки, началниците на секциите од КО ги брифираа учесниците за разузнувачка подготовка, географската и тактичка ориентација на теренот, можностите за тактичко ангажирање на единици за изведување на борбени дејства, организацијата на логистичкото обезбедување, остварување на цивилно-воената соработка и организација на врските.
Ваков вид на форма на практична обука редовно се изведува во Командата за операции и потчинетите единиците, со цел запознавање на теренот со стратегиско-тактичките правци на територијата на Република Северна Македонија и обука и надградба на клучниот персонал.