Согласно годишниот план за обука, клучниот персонал од Командата за операции (КО) предводен од командантот, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, во изминатите два дена, на 2 и 3 јули, реализираше месечно реферирање со командантско извидување на просторот во западниот дел на државата.
За време на активноста се извидуваше просторот во западниот дел на државата во реонот на Радика, селото Вишни, Езерица, селото Тополчани и манастирот Св. Архангел Михаил. Целта на ова извидување беше преку проучување на земјиштето и воено-географските карактеристики да се согледаат можностите за употреба на единиците на КО во координација со останатите субјекти на одбранбениот систем во државата. Извидувањето се реализираше по копнен пат со теренски воени моторни возила JLTV.
На практичната работа по работните точки, персоналот од ППЕ и началниците на секциите на КО ги брифираа учесниците за географската и тактичката ориентација на теренот, можностите за тактичко ангажирање на единиците, организацијата на логистичкото обезбедување, функционирањето на врските, како и остварување на воено-цивилна соработка.
На крајот од извидувањето беше реализиран и тактичко-технички збор со хаубиците 105 мм „Боран“ и посета на манастирот Св. Архангел Михаил во Прилеп.