Согласно Планот за обиколка на командите и декларираните единици единици на Армијата, Мултинационалната бригада на Југоисточна Европа (СЕЕБРИГ), реализира евалуациска посета на декларираниот инженериски вод од состав на инженерискиот баталјон на АП „Криволак“ и декларираната пешадиска чета од вториот пешадиски баталјон (2.пб) од составот на првата пешадиска бригада (1.пбр) во касарната „Јане Сандански“ во Штип.
Претставниците од СЕЕБРИГ кои ги предводеше командантот на бригадата, бригаден генерал Евангелос Митроцикос, беа пречекани од страна на началникот на штаб во Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски и заменик на командантот на 1.пбр, полковник Горан Петрушевски.
На брифингот од страна на командантот на 2.пб, потполковник Зоран Сумрачки присутните беа запознаени со мисијата на единицата, структурата и капацитетите на единицата, искуствата од последното оценување и процесот на трансформација и модернизација на единицата.
Како дел од активноста пред претставниците од СЕЕБРИГ беа прикажани способностите на декларираниот инженериски вод и обиколка и смотра на декларираната пешадиска чета од вториот пешадиски баталјон во составот на СЕЕБРИГ, како и способностите на единицата на тема: „Постојана контролна точка и справување со демонстранти“.