Министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денеска беше во посета на Командата за операции во Касарната „Боро Менков“ во Куманово, каде оствари средба со командантот, бригадниот генерал Бесник Емини, началникот на штабот бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски и најодговорните офицери во командата.
За време на денешната посета министерот Мисајловски беше брифиран за мисијата и задачите кои ги остварува оваа команда, главниот двигател на Армијата во чиј состав се најголемиот број на армиски единици од сите родови и служби кои заеднички придонесуваат за заштитата на територијалниот интегритет и суверенитет на државата и во операции за поддршка на мирот и безбедноста предводени од НАТО, Обединетите нации и Европската Унија.
Министерот Мисајловски на денешниот брифинг упати огромна благодарност до сите припадници на командата за сето она што го направиле досега и порача максимално ќе ги поддржи сите активности и потреби кои ги има оваа Команда и единиците од нејзиниот состав.
„Сакам да ги запознам нашите припадници, чувари на мирот и безбедноста од блиску, да се запознам со вашите потреби и состојби и да направиме се што е потребно вашата работа да ја извршувате беспрекорно. Во мене имате сојузник на кој можете да се потпрете“, порача министерот Мисајловски.
На денешниот брифинг министерот Мисајловски беше брифиран за идните чекори на Командата за операции, опремување и модернизација, обуката и вежбите и прифаќањето и имплементацијата на НАТО стандардите.