Во изминатиот период тим од компанијата „Елбит“ од Израел работеше на проект на модернизација на хеликоптер Ми-8MT од воздухопловната бригада (вбр).
Проектот опфаќа модернизација на колективните палки на хеликоптерот, модернизација на GPS и транспондер, модификација на кабината на хеликоптерот, инсталација на електрични и механички инсталации со цел вградување на современа опрема за ноќно летање ANVIS-HUD 24.
Како дел од Планот за интеграциите на АРМ во НАТО Алијансата вбр има превземено обврска за постигнување на соодветни стандарди од партнерските цели кои се однесуваат на воздухопловите.
Со модернизацијата уште на еден хеликоптер, вбр добива зголемена оперативна ефикасност, особено за летови во ноќни услови без употреба на светла. Се зголемува безбедноста при извршување на мисии и задачи, како и заштеда на финансиски средства во однос на набавка на нови хеликоптери.
Во изминатите неколку дена се работеше на тестирање на системот за ноќно летање ANVIS-HUD 24, реализација на пробни летови на хеликоптерот како и комплетирање на потребната документација и прием на хеликоптерот.