Командантот на Командата за операции (КО), генерал-мајор Павле Арсоски, изврши обиколка на ангажираниот персонал на караулата Џепиште, каде од почеток на прогласување на кризна состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, се распоредени единици кои вршат асистенција и испомош на припадниците на Министерството за внатрешни работи, во спроведување на мерките за спречување на ширење на епидемијата на вирусот „Ковид-19“.
Од страна на генералот Арсоски им се оддаде признание за залагањето и совесното извршување на задачите на припадниците на КО, кои од почетокот на воведувањето на вонредната состојба најодговорно и професионално ги извршуваат доделените задачи, за поддршка на институциите и граѓаните. Во изминатите денови тој ги обиколи припадниците на единиците ангажирани на јужната граница, на обезбедување на објектите одредени за карантински услови и објектите од посебно значење во главниот град, караулата Белановце, Куманово и други.
Генералот Арсоски покрај благодарноста им порача дека со покажаната посветеност се покажува нашата патриотска должност како припадници на Армијата во вакви тешки моменти со давање на својот максимум и со лични примери и залагање да овозможиме на здравствените работници и полицијата да го спречиме ширењето на пандемиската вирусна инфекција и ја ставиме под контрола како што би постапиле со секој оној кој претставува закана за татковината и граѓаните.