Во период од 10.03 до 12.03.2021 година во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец и на падините на Плачковица припадниците на флајтот за пребарување, спасување и наведување (фПСН), хеликоптерскиот сквадрон и дел од командата на воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ), реализираа обука во “Борбено пребарување и спасување“, согласно годишниот календар за обука на единицата.
Како дел од планот, обуката заврши со реализација на тактичка задача: „Борбено пребарување, спасување и извлекување на повреден од непристапен терен“ која беше завршена успешно и со голема професионалност.
За време на обуката беа реализирани следните теми: ориентација на непознат терен, наведување на хеликоптер, влез и излез од хеликоптер, инфилтрација, индивидуални техники на движење при директен непријателски контакт, формации и техники на движење на тим, прва помош и медицинска евакуација и ексфилтрација.
Основната цел на обуката е оспособување на припадниците на вВИНГ за изведување на борбено пребарување и спасување, пронаоѓање и извлекување на повредени лица во услови на непристапен терен, стекнување на самодоверба и сигурност при работата. Ваков вид на обука е особено значајна, бидејќи во услови на елементарна непогода или индивидуални несреќи, обученоста на персоналот од вВИНГ треба да биде на високо ниво, подготвен да одговори на поставените предизвици.
ИМ/ЧС